1 Kings 3
1 Соломон се сроди со фараонот, египетскиот цар, и ја зеде фараоновата ќерка и ја воведе во Давидовиот град, додека да го изгради домот свој, домот Господов и ѕидовите околу Ерусалим.
2 Народот уште принесуваше жртви по високите места, бидејќи до она време не беше изграден дом за името Господово.
3 Соломон Го возљуби Господа, одејќи по наредбите на својот татко Давид, но и тој принесуваше жртви и кадеше по високите места.
4 Затоа царот отиде во Гаваон за да принесе таму жртва, бидејќи таму беше главното високо место. Илјада сепаленици принесе Соломон врз тој жртвеник.
5 Во Гаваон Господ му се јави на Соломон ноќе во сон и му рече: „Барај што сакаш да ти дадам.“
6 Соломон одговори и рече: „Ти му направи голема милост на Твојот слуга, татко ми Давид; и поради тоа што тој одеше пред Тебе, по вистината и праведноста и со искрено срце кон Тебе, Ти му ја зачува таа голема милост и му подари син, кој седи на престолот негов, како што е тоа денес;
7 и денес, Господи, Боже мој, Ти го постави за цар Твојот слуга место татко ми Давид, но јас сум сосема млад, не знам како да се однесувам.
8 А Твојот слуга е среде Твојот народ што си го избрал, народ толку многуброен, па поради мноштвото негово не може ни да се преброи, ни да се догледа.
9 Подари му, пак, на Твојот слуга разумно срце за да му служи на Твојот народ и да разликува: што е добро и што е зло; зашто, кој може да управува со тој многуброен Твој народ?“
10 Мило Му беше на Господ што Соломон го побара тоа.
11 Господ му рече: „Затоа што го побара тоа, и не побара за себеси долг живот, не побара богатство, не ги побара душите на твоите непријатели, туку си побара разум за да умееш да судиш, —
12 Јас ќе направам според зборот твој: еве, ти давам мудро и разумно срце, така што подобен на тебе немало пред тебе, и по тебе нема да се издигне сличен на тебе;
13 и она што не го побара, Јас ти го давам, — и богатство, и слава, така што нема да има подобен на тебе меѓу царевите во сите твои денови;
14 и ако одиш по Мојот пат, пазејќи ги Моите наредби и Моите заповеди, како што одеше татко ти Давид, ќе ги продолжам и твоите дни.“
15 Соломон се разбуди, и, ете, тоа беше сон. И отиде во Ерусалим, та застана крај ковчегот на заветот Господов, принесе сепаленици и жртви за мир и богато ги нагости сите свои слуги.
16 Тогаш дојдоа кај царот две жени блудници и се исправија пред него.
17 И едната жена рече: „О, господаре мој! Јас и оваа жена живееме во една куќа, и родив кај неа во таа куќа;
18 а на третиот ден, откако родив, роди и таа жена; ние бевме заедно, и во куќата кај нас немаше ниту еден човек од надвор; само ние двете бевме во куќата.
19 Преку ноќта умре синот на оваа жена, зашто беше легнала врз него;
20 а таа преку ноќта станала, го зела мојот син од мене, додека јас, твојата слугинка, сум спиела, и го ставила до градите свои, а својот мртов син го ставила до моите гради.
21 Утредента станав да го надојам синот свој, и ете, тој беше мртов; а кога на виделина се загледав во него, тоа не беше мојот син што го бев родила.“
22 Другата жена рече: „Не, мојот син е живиот, а твојот син е умрениот.“ А таа ѝ велеше: „Не, твојот син е умрениот, а мојот е живиот.“ И се препираа така пред царот.
23 Царот тогаш рече: „Оваа говори: мојот син е живиот, а твојот е умрениот; а онаа говори: Не, твојот син е умрениот, а мојот син е живиот.“
24 Потоа царот рече: „Дајте ми меч!“ И му донесоа меч.
25 И тогаш царот рече: „Пресечете го живото дете на две половини и дајте ја едната половина на едната, а другата половина на другата.“
26 И му одговори на царот онаа жена, чиј беше живиот син, зашто целата нејзина утроба се беше растреперила од жал спрема нејзиниот син: „О, господаре мој! Дајте ѝ го тоа дете живо и не го убивајте.“ А онаа другата рече: „Нека не биде ни мое, ни твое, сечете го!“
27 И царот проговори и рече: „Дајте ѝ го живото дете на првата, и не го убивајте: таа е неговата мајка.“
28 И сиот Израел слушна за судот, како пресуди царот. И почнаа да се однесуваат кон царот со длабока почит, зашто видоа дека има мудрост Божја во него за да извршува суд.